top of page
  • Facebook
  • Twitter
  • Instagram
Search

Закон за младинско учество и младински политики ft. Generation Z: TL;DR верзија

  • Writer: Ana Naumoska
    Ana Naumoska
  • Apr 30, 2025
  • 6 min read



Во 2020 година, Северна Македонија го донесе првиот Закон за младинско учество и младински политики – документ кој ветуваше дека гласот на младите конечно ќе се слушне во институциите. Звучи моќно, нели? Но, пет години подоцна, многу млади сè уште не знаат што точно им гарантира овој закон, а уште помалку – како да го користат.

Ако си на возраст од 15 до 29 години, овој закон е буквално за тебе. Тој дефинира што значи да си млад, како можеш да се вклучиш во носење одлуки, кои се твоите права и каде треба да се обратиш ако сакаш да бидеш активен. Од младински совети до канцеларии за млади, од волонтерство до структурен дијалог. Понатаму во текстот ќе дадеме објаснување на значењето на овој закон, процесите кои тој ги предвидува како и неговото место во нашиот правен и институционален систем.


Како се создаваше Законот за младинско учество и младински политики?


Внимание: Ако сакаш да го скокнеш историјатот, слободно оди на следниот дел од овој текст

Мал flashback: Како (не) се случи првиот обид за закон

Идејата да се има посебен закон за млади не е нова. Првпат се појави уште во 2011 година – значи, цела деценија пред овој закон да стане реалност. Тогашната Влада предложи закон, ама процесот беше... па, да кажеме „затворен круг“. Без консултации, без дебата, без вклучување на млади – едноставно, одлучиле како треба да изгледа младинско учество без да ги прашаат самите млади.

И не само тоа – предлогот звучеше како рецепт за државно-контролирано младинско организирање. Според него, државата ќе диктирала што смеат младите да прават, како да се организираат и до каде можат да „дишат“. Младинскиот сектор со право реагираше.Така настана неформалната иницијатива „Република Млади“, која организираше протест на 30 октомври 2011 година. Следниот ден, тогашниот премиер на Твитер соопшти дека законот се повлекува. И тука завршува првиот (неуспешен) обид.


Како настана сегашниот закон?

Брзо? Не баш. Целата приказна продолжи речиси 10 години подоцна, во 2018 година, кога конечно се крена нова иницијатива.

Во Собранието се формира Клубот на млади пратеници во 2016 година – група млади пратеници под 35 години. Оваа група, во 2018 година година започна процес за креирање на нов Закон за млади. Овој пат, за разлика од 2011 формирана беше експертска група составена од претставници на младинскиот сектор со цел тие да придонесат во содржината на законот, токму поради нивното искуство во областа. Мрежите на младински организации, активисти, експерти и државни институции соработуваа и резултатот стигна на 14 јануари 2020 година, кога законот конечно бил изгласан во Собрание и тоа со наслов „Закон за младинско учество и младински политики“.

И да – звучи одлично. Закон што за првпат кажува: младите не само што се важни, туку имаат право да учествуваат, да креираат, да се слуша нивниот глас. Но... колку од тоа се случува во пракса? Па, тоа е веќе друго прашање.


Што се случува со Законот за младинско учество и младински политики во моментов?


5 години по стапувањето на сила на овој Закон степенот на негова имплементација е на многу лошо ниво. Така, се уште не е формирано Националното собрание за млади; Локални младински совети се формирани во само 1/3 од општините; само 10 општини имаат локален младински центар; а само 18 изработиле локална страгегија за млади и ги одвоиле средствата предвидени во законот за спроведување на истата; националната стратегија за млади, остана да биде драфт-верзија веќе две години – а целата државна структура се измени.

Со измените воведени од актуелната Влада, повеќе не постои Агенцијата за млади и спорт, а нејзините надлежности се пренесени кон Министерството за социјална политика, демографија и млади кое е сега одговорно и за овој Закон.

Во моментов, на дневен ред се новите измени на Законот, кои прозилегоа од две основни причини: 1. Што неопходно е Законот да се прилагоди на новата органзиација на државната власт; и 2. Што е потребно да се обезбеди поле за полесна, побрза и поефективна примена на истиотѕ бидејќи се покажа дека во ваква форма, тој тлее на маргините на општеството.


Океј, ама зошто толку зборуваме за овој Закон?

Законот е донесен во 2020 година и за првпат во Северна Македонија поставува обврска за институциите да ги слушаат, консултираат и поддржуваат младите во донесување одлуки. Еве што точно уредува и зошто секој млад треба да го знае:


Кои се младите?

Според законот, млади се сите лица на возраст од 15 до 29 години. Оваа група е во фокусот на законот и сите мерки, права и обврски се насочени кон нивната поддршка, развој и вклученост.

Што е младинско учество?

Тоа не е само присуство на некој на состанок, туку активно учество на младите во носење одлуки што директно или индиректно влијаат врз нивните животи – било преку учество во јавни дебати, младински совети, предлози на мерки или мониторинг на политики.

Кои се формите на младинско организирање?

Законот ги препознава неколку типови:

·       Младински организации – организации водени од млади (две третини од управувачкото тело мора да бидат млади).

·       Организации за млади – не се нужно водени од млади, но делуваат во интерес на младите.

·       Младински чадор организации – мрежи на организации кои се здружуваат околу заеднички цели и делуваат на национално ниво. Сите тие можат да бидат запишани во посебен Регистар на младински организации, кој го води Агенцијата за млади и спорт.


Што е Националното собрание на млади?

Ова е тело составено од сите форми на младинско организирање. Тоа ги избира младинските претставници кои подоцна учествуваат во советодавни и одлучувачки тела, дефинира приоритети за застапување и следи како се остваруваат младинските интереси на национално ниво.


Што е Национално советодавно тело?

Ова тело обединува младински претставници и претставници на институциите (Владата, министерства итн.) и има улога да:

  • предлага и оценува младински политики,

  • дава мислења за буџети за млади,

  • објавува извештаи,

  • иницира дискусии за младите во институциите.

 

Што се Локалните младински совети и Собранија на млади?

На локално ниво, секоја општина треба да има:

·       Локално собрание на млади, каде што членуваат организации, училишта, студентски и политички подмладоци,

·       Локален младински совет, кој се избира од Собранието и има право да предлага точки на дневен ред во општинскиот совет, иницира младински прашања и следи спроведување на стратегии.


Што е Канцеларија за млади?

Секоја општина мора да има Канцеларија за млади – тоа е примарна контакт точка за сите прашања што ги засегаат младите на локално ниво. Канцеларијата ги координира активностите, информира и посредува помеѓу младите и локалните власти.


Што е Младински центар?

Младинскиот центар е простор каде што младите може да се едуцираат, вмрежуваат, развиваат лично и професионално. Таму се одвиваат обуки, неформални активности, кариерна поддршка и младинска работа. Центарот мора да вклучува младински работници – обучени лица кои работат со млади.

Кој е службеникот за млади?

Во секоја институција, особено во општините, мора да има назначено службеник за млади. Тоа е лице што е одговорно да следи, координира и известува за политиките за млади во рамки на институцијата. Службеникот поднесува извештаи до Агенцијата за млади и спорт и е достапен за комуникација со младите.


Што се стратегиите за млади?

  • Националната стратегија за млади ја носи Владата на секои пет години и во неа се утврдени приоритети, цели и мерки за млади.

  • Локалните стратегии за млади се носат од страна на општините и мора да бидат во согласност со националната стратегија. Тие се прават во консултација со младинските совети и вклучуваат акциски план и буџет.

 

Како се финансираат младинските политики?

Законот обврзува:

  • Владата да одвојува најмалку 0.3% од државниот буџет за млади,

  • Општините да одвојуваат најмалку 0.1% од својот буџет. Овие пари се користат за поддршка на младински иницијативи, канцеларии, центри и активности.

Стигна до тука?!


Океј, ако стигна до тука – честитки, успешно помина брз курс по младинска писменост! Законот за младинско учество не е супермоќен еликсир што одеднаш ќе ти даде платформа, ресурси и внимание, ама е најблиску што сме дошле до тоа институциите да те слушаат (на хартија).

Имаш право:

  • да бидеш дел од креирање политики,

  • да учествуваш во младински совети и собранија,

  • да бараш канцеларија, центар или службеник за млади во твојата општина,

  • да прашуваш каде се парите за млади и зошто (не) се користат.

Затоа не оставај го законот да скапува по фиоки. 

Ако веќе постои – да го користиме. Ако не се спроведува – да го потсетиме.Ти не си само статистика на возраст од 15 до 29. Ти си глас, став, потенцијал – и време е да си го земеш местото.






Ана Наумоска е дипломиран политиколог и магистер по меѓународно право. На Правниот факултет во АУЕ-ФОН е именувана за демонстратор за академската 2022/23 и 2023/24 година и моментално ги предава следните предмети: Уставно право, Финансово право, Меѓународно право и Римско право на студенти на додипломски студии. Ана работи како проектен и истражувачки координатор во областа на граѓанските и младинските политики во Здружението за развој и активизам Аква - Струга и како предавач во Учиме право клубот на Младински образовен форум за средношколци каде ја извршува и функцијата на Локален координатор за југозападен регион.



 
 
 

Comments


КОНТАКТ | CONTACT 

Email: naumoska.ana@yahoo.com

+389 78 322 676

ПРИДРУЖИ СЕ НА ЛИСТАТА ЗА Е-ПОШТА

JOIN OUR MAILING LIST

© 2023 by Филџан Правда. Powered by Wix

bottom of page