Изборот меѓу две неправди – правото на глас кога нема за кого
- Ana Naumoska
- Jul 4, 2025
- 5 min read

„Гласај! Ако не гласаш – немаш право да се жалиш.“Ама што ако сите опции ти мирисаат на пораз?
Што ако не гласаш затоа што не си рамнодушен, туку затоа што си згрозен?
Понекогаш изборите наликуваат на тест со два точни одговори – а и двата се неточни за твојата реалност. Гласаш со стегната вилица, затворени очи и стомак свртен наопаку. Зошто? Затоа што помалото зло не престанува да биде зло.
Што е тоа право на глас?
Правото на глас или избирачкото право содржи две компоненти: активно и пасивно избирачко право. Активното подразбира право на граѓаните ДА ГЛАСААТ, односно да излезат на избори и да изберат кој ќе ги претставува во наредниот период, а пасивното подразбира право на граѓаните ДА БИДАТ ГЛАСАНИ односно, самите да се кандидираат на изборите. Во Република Северна Македонија, постојат 3 видови на избори: претседателски, парламентарни и локални, а дополнително во оваа категорија ќе го вброиме и референдумот – како форма на директно изјаснување на граѓаните.
Суштината на изборите е граѓаните да изберат кој ќе ги претставува и застапува нивните интереси во тој мандат од 4 години, за локалните и парламентарните и 5 години за претседателските избори. Многу често за изборите се вели дека се круната на демократијата, бидејќи последен збор е оној на граѓаните. Но дали е?
Во некоја идеална, паралелна реалност, изборите би значеле, процес во кој граѓанинот избира свои преставници во власта кои најдобро ќе се грижат за неговите интереси. Во истата оваа паралелна реалност, избраниците вистински се борат за правата на граѓаните, за подобрување на можностите, условите за живот, ги имаат предвид вистинските барања и потреби на народот и реално се залагаат да ги остварат во текот на својот мандат. Меѓутоа, да се вратиме во нашата реалност, во која работите не стојат баш така. Односно, не стојат никако.
Изборите во нашиот систем, влечат основа од највисокиот правен акт – Уставот. Членот 8 кој ги утврдува темелните вредности на нашиот уставно-правен поредок, ги вбројува политичкиот плурализам и слободните непосредни и демократски избори како една од најбитните карики на која се темели државата и нејзиното постоење. Понатму, членот 20 го регулира правото на граѓаните да се здружуваат за да остварат меѓу другото и политички интереси, а членот 22 утврдува дека секој граѓанин со навршени 18 години – го стекнува избирачкото право, осносно правото на глас. Значи, да резимираме, граѓаните имаат право да гласаат и да бидат гласани, имаат право да се формираат форми на здружување вклучително и политички партии за да може да ги застапуваат своите интереси, а целиот процес на изборите мора да биде слободен, демократски и транспарентен – за да може да кажеме дека се почитува една од темелните вредности на уставниот поредок.
Продолжуваме понатаму. Уставот не е замислен како акт во кој се регулира апсолутно се – туку акт кој ја дава основата за вторите во редот на правните акти – законите. Изборите се регулираат со Изборниот законик, кој го утврдуваат начинот на спроведување на изборите, начинот на работа на изборните органи и секако начинот на гласање, но за ова, ќе зборуваме во следната прилика.
Да се гласа или не, тоа е прашањето
Една од најчесто анализираните дилеми во политичко-правната теорија е колку нашиот глас како поединци, може да направи промена во исходот од изборите. Дали да се излезе на избори, дали ќе се гласа или ќе се остави неважечко ливче, за кого ќе се гласа – останува лична преференца на секој поединец. Најчесто одлуката дали и за кого ќе гласаме, се носи на основа на сопствените преференци, убедувања и верувања. И во една демократија, ова мора да биде така – инаку изборите не би биле слободни, ниту пак, демократски. Статистички гледано, можноста токму нашиот глас да биде пресуден, особено во нашата “демократија“ е на праг на статистичка грешка, иако реално не би требало да биде. Последните неколку изборни циклуси во Македонија, едвај го поминаа прагот од 50% + 1, односно просечната излезност на изборите се движеше од 51-54% од вкупниот број на граѓани. Сите истражувања кои се спроведени последниве 15тина години – водат кон еден заклучок – граѓаните не се мотивирани да гласаат бидејќи не веруваат во изборите, во носителите на власта или во институциите. 60% од граѓаните сметаат дека ниту една политичка партија не ги застапува и претставува нивните лични гледишта. Високото ниво на корупција, партизација на сите области на јавниот сектор, и оддалеченоста од реалните проблеми – водат кон тоа, политичките партии да не уживаат доверба од граѓаните.
Но дури и во оваа состојба на еродирана доверба и институционална немоќ, изборите продолжуваат да се случуваат. Мандатите се полнат, функциите се распределуваат, а партиите се менуваат на власт. Но не се менува суштината – не гласаат идеали, туку интереси; не победуваат визии, туку врски. Политичките партии се главните играчи во изборниот процес, а политичкиот клиентелизам, останува да биде главниот мотор на изборите. Политички клиентелизам е неформален, но систематски однос меѓу политичари и граѓани, каде што гласовите се „купуваат“ не со пари – туку со услуги, вработувања, тендери, или ветувања за „лични услуги“. Оттука оние граѓани кои гласаат, не гласаат бидејќи веруваат во програмите на партиите, или во она кое тие го нудат за изборите, туку од страв да не останат без основните ресурси: вработување, социјална помош, болнички упати, лиценци, дозволи...
Кога гласот е условен – правото на избор станува илузија. Тој не е повеќе слободна волја, туку „трансакција“: нешто да добиеш, за нешто да дадеш. А најскапо што можеш да дадеш во еден демократски систем – е својот глас. И токму тука, во моментот на зависност, на компромис, на страв – демократијата престанува да биде демократска. Граѓанинот не е веќе субјект на демократијата, туку објект на системска уцена. Парадоксот е брутален – имаш право на глас, ама изборот ти е однапред диктиран: со работата што ти ја ветија, со упатот што го чекаш, со синот што сакаат да ти го вработат. Ако мора да гласаш за да преживееш, тогаш не гласаш – се спасуваш.
Добро е да се излезе на избори, ама океј е и да не се излезе
Во ваков контекст, ниската излезност на изборите е логичен исход од целото сценарио во кое живееме.Тоа е одлука на граѓанин кој одбива да учествува во фарса. Граѓанин кој не се откажал од демократијата – туку од лажниот избор што му се нуди. Граѓанин кој не е рамнодушен, туку згрозен. Разочаран. Условен. Избран без да избира.
Сепак, неизлегувањето на избори го храни системот. Молкот, иако исполнет со причина, често се претвора во погодна тишина за оние што веќе ја држат моќта. Тие не се загрижени за ниската излезност – напротив, таа им оди во прилог. Помалку гласови значи полесна контрола. Помала конкуренција значи посигурна победа.
Затоа, во предвечерието на уште еден изборен циклус, учеството преку неважечко ливче станува начин да се присуствува – но да не се потврди понуденото. Тоа не е израз на поддршка, туку на протест. Потсетување дека граѓанинот е тука, но не сака да избира помеѓу однапред изгубени опции.

Ана Наумоска е дипломиран политиколог и магистер по меѓународно право. На Правниот факултет во АУЕ-ФОН е именувана за демонстратор за академската 2022/23 и 2023/24 година и моментално ги предава следните предмети: Уставно право, Финансово право, Меѓународно право и Римско право на студенти на додипломски студии. Ана работи како проектен и истражувачки координатор во областа на граѓанските и младинските политики во Здружението за развој и активизам Аква - Струга и како предавач во Учиме право клубот на Младински образовен форум за средношколци каде ја извршува и функцијата на Локален координатор за југозападен регион.






Comments