top of page
  • Facebook
  • Twitter
  • Instagram
Search

На буква, на буква... Д како дискриминација

  • Writer: Ana Naumoska
    Ana Naumoska
  • Apr 13, 2025
  • 7 min read



Дискриминацијата претставува сериозен општествен и правен проблем кој, и покрај законските забрани, сè уште е длабоко присутен во секојдневниот живот. Таа често не се манифестира отворено или агресивно, туку се појавува во суптилни, но системски форми: во нееднаков пристап до образованието, во пристрасни одлуки при вработување, во ограничен пристап до услуги или преку говор исполнет со предрасуди.

Овие појави не се само прашање на морална неправда, туку и директна повреда на законски загарантираните права. Препознавањето и разбирањето на дискриминацијата, како и информираноста за механизмите за заштита, се клучни за градење на поинклузивно и правично општество. Во продолжение, ќе се осврнеме на тоа што претставува дискриминација, кои форми најчесто се среќаваат, како е регулирана со закон и што може да направи поединецот кога ќе се соочи со ваква повреда на правото.

Дискриминацијата претставува нееднаков третман на поединци или групи врз основа на нивни лични карактеристики, кои се заштитени со закон. Според Законот за спречување и заштита од дискриминација, дискриминацијата е секое постапување, пропуштање да се постапи, изразување или навредливо однесување кое има за цел или резултира со оневозможување, ограничување или повреда на правата и слободите на едно лице или група на лица.

Најчестите основи врз кои се врши дискриминација вклучуваат:

  • Пол и род

  • Етничка припадност

  • Јазик

  • Религија или уверување

  • Возраст

  • Попреченост

  • Сексуална ориентација или родов идентитет

  • Социјален статус

  • Политичка припадност или друго уверување

Во практиката, дискриминацијата може да се појави на 4 различни начини:

  • Директна дискриминација – кога лице е ставено во понеповолна положба во однос на друго лице во слична ситуација, исклучиво поради една од заштитените основи.


    Пример: Одбивање на вработување поради етничка припадност.

  • Индиректна дискриминација – кога наизглед неутрална одредба, критериум или практика доведува до нееднаков третман на одредена група.


    Пример: Воведување на одреден тест за проверка на физичка спремност, за работни места кои не бараат високи физички перформанси од работниците, со цел да се исклучат жените заради логично послабите резултати кои се должат на биолошките разлики.

  • Вознемирување – форма на дискриминација која вклучува несакано однесување што има за цел или резултира со повреда на достоинството на лицето и создавање на понижувачка, заканувачка или навредлива атмосфера.

  • Повик на дискриминација – секое јавно изразување кое поттикнува друг да изврши дискриминација кон одредена личност или група.


Што да се направи кога сме жртви или сведоци на дискриминација?


Иако дискриминацијата често се доживува како лична неправда, важно е да се разбере дека таа е и правна повреда – законски санкционирана и подложна на институционална реакција. Со цел да се заштитат граѓаните и да се обезбеди еднаков третман за сите, правниот систем во Северна Македонија предвидува конкретни механизми за спречување и санкционирање на дискриминацијата.

Основниот закон кој го регулира ова прашање е Законот за спречување и заштита од дискриминација, донесен во 2020 година. Според овој закон, секој граѓанин има право да биде заштитен од каков било облик на нееднаквост или исклучување врз основа на лична карактеристика како што се пол, етничка припадност, религија, сексуална ориентација, попреченост или социјален статус. Доколку некое лице почувствува дека му е повредено ова право, постојат неколку начини да побара правна заштита.

Централна институција задолжена за постапување по случаи на дискриминација е Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД). Станува збор за независно тело со мандат да ја утврди основаноста на пријавата и да даде мислење со конкретни препораки. Претставка до Комисијата може да поднесе секој граѓанин кој смета дека бил дискриминиран, а постапката е бесплатна и достапна дури и онлајн, преку нивната веб-страница. Во претставката се наведуваат основните податоци за случајот, околностите, инволвираните страни, како и сите релевантни докази или сведоштва. Комисијата има законски рок од 90 дена да ја разгледа претставката, да спроведе постапка за утврдување на фактите и да донесе мислење. Иако ова мислење не е обврзувачко во правна смисла, во пракса претставува сериозен притисок врз институциите или организациите кои го предизвикале дискриминаторниот акт, особено кога е поддржано со медиумска или јавна реакција.

Дополнително, граѓаните можат да се обратат и до Народниот правобранител, кој има надлежност да постапува во случаи на повреда на човековите права од страна на јавните институции. Ова е особено важно кога дискриминацијата доаѓа од страна на органи на државната управа, општини, училишта или здравствени установи. Пријавувањето кај Народниот правобранител исто така е бесплатно, а институцијата има обврска да постапи по секоја претставка и да даде мислење или препорака до надлежните тела.

Во случаи каде граѓанинот сака да побара поформална и посилна санкција – како на пример судска забрана, отстранување на последици или надомест на штета – може да се поведе и граѓанска постапка пред надлежен суд. Оваа постапка е поформална и бара поднесување тужба, често со правно застапување од страна на адвокат. Судот може да донесе одлука со која утврдува дискриминација, ја забранува практиката и/или му наложува на тужениот да ја надомести штетата. Овие случаи се покомплексни и подложни на рокови, но носат значајна тежина, особено кога се однесуваат на системска или повторувачка дискриминација.

Покрај формалните институции, граѓаните имаат пристап и до граѓански организации кои нудат бесплатна правна помош, советување и застапување. Организации како Хелсиншкиот комитет за човекови права, Македонското здружение на млади правници и други, редовно обработуваат случаи на дискриминација и нудат поддршка за жртвите во секоја фаза од постапката. Особено важни се и локалните иницијативи, кои работат со ранливи групи и обезбедуваат доверливи канали за пријавување, особено во заедници каде што постои страв од стигматизација.

Иако инструментите постојат, пристапот до правдата сè уште е предизвик за многумина, најмногу поради недоволна информираност, недоверба во институциите и страв од последици. Затоа е особено важно ваквите механизми не само да постојат на хартија, туку да бидат достапни, јасно комуницирани и активно промовирани во јавноста.


Дури и кога сме свесни за неа, дискриминацијата останува непријавена, а со тоа и несанкционирна...

Иако правната рамка овозможува институционална заштита од дискриминација, во пракса многу случаи остануваат непријавени. Тоа не значи дека дискриминацијата не постои, туку дека постои серија на бариери – лични, институционални и културни – кои го обесхрабруваат поединецот да проговори. Анализата на овие бариери е суштинска за да се разбере зошто дискриминацијата опстојува дури и во средини каде на хартија таа е санкционирана.

Првата и најчеста причина е стравот од последици. Луѓето кои се дискриминирани – особено во контексти како работа, образование или јавни услуги – често се плашат дека пријавувањето ќе резултира со дополнителна виктимизација. Работникот кој е маргинализиран на работното место се плаши од губење на работата, студентот од одмазда од наставен кадар, корисникот на здравствена услуга од понатамошно игнорирање или деградација. Овој страв не е ирационален – во многу случаи системите за заштита не се доволно ефикасни да обезбедат заштита на пријавувачите.

Втората клучна пречка е недовербата во институциите. Многу луѓе веруваат дека пријавувањето е залудно бидејќи „ништо нема да се промени“. Ваквото чувство е резултат на општа култура на неказнивост и долготрајна пасивност на институциите, каде многу предмети завршуваат со бирократски одговори, формални решенија без конкретна акција или, во полоши случаи, целосно игнорирање. Кога институциите не постапуваат навремено, транспарентно и решително, тие всушност ја засилуваат моќта на дискриминаторите и ја поткопуваат довербата во системот.

Трета причина е непрепознавањето на дискриминацијата како правна повреда. Особено кај помладата популација и маргинализираните заедници, често постои недоволно разбирање за тоа што точно претставува дискриминација и како таа се разликува од „нормални“ социјални нееднаквости. Многу луѓе ја прифаќаат дискриминацијата како дел од секојдневието – како нешто што „секогаш било така“ или како нешто што не може да се промени. Кога нееднаквиот третман е генерализирано присутен и општествено нормализиран, индивидуите се учат да го трпат наместо да го оспоруваат.

Дополнително, важна улога игра и социјалниот притисок и срамот. Во мали заедници, пријавувањето дискриминација често се доживува како чин на конфронтација или „поткажување“, особено кога дискриминаторот е член на неформалните кругови на моќ – директор, наставник, општински службеник. Затоа многумина одлучуваат да молчат, за да не се изложат на осуда, исмевање или изолација.

Конечно, постои и недостаток на ресурси – финансиски, правни и психолошки – кои би му овозможиле на еден поединец да се бори со институционален апарат. Доколку постапката бара ангажирање адвокат, редовно присуство, административни трошоци или долготрајна вклученост, тоа може да биде обесхрабрувачко за лица кои веќе се во ранлива положба.

Овие причини не се изговори – тие се реални и структурни пречки кои го објаснуваат зошто многу дискриминации остануваат во сенка. Но токму затоа, клучен чекор кон еднаквост е да се создадат услови каде што пријавувањето не претставува ризик, туку чин на храброст кој е поддржан од заедницата и институциите. Зголемувањето на правната писменост, достапноста на бесплатна правна помош, зајакнувањето на механизмите за заштита на пријавувачи и видливоста на позитивни примери може да придонесат кон создавање култура во која дискриминацијата нема да се толерира – туку ќе се санкционира.





Дискриминацијата не е само изолиран чин на неправда – таа е симптом на подлабоки општествени нееднаквости и истовремено механизам преку кој тие нееднаквости се одржуваат. Иако често е тешко да се препознае, особено кога е обвиена во суптилност, навика или институционална рамнодушност, нејзините последици се реални и долготрајни: ја нарушуваат довербата во системот, го поткопуваат достоинството на поединецот и го ослабуваат социјалното ткиво.

Но дискриминацијата не е неминовност. Таа може да се спречи, адресира и санкционира – кога ќе постои свесност, подготвеност за реакција и поддршка од заедницата. Затоа е важно секој од нас да го препознае своето место во тој процес: како граѓанин кој знае дека има право на еднаков третман, како сведок кој не молчи, како професионалец кој не толерира, или како институција која постапува.

Правото не започнува во судницата – започнува во нашата способност да ги именуваме неправдите и да веруваме дека сме достојни на подобро. Пријавувањето на дискриминацијата е чин на одбрана на достоинството – не само сопственото, туку и на сите оние чии гласови премногу долго биле замолчувани.






Ана Наумоска е дипломиран политиколог и магистер по меѓународно право. На Правниот факултет во АУЕ-ФОН е именувана за демонстратор за академската 2022/23 и 2023/24 година и моментално ги предава следните предмети: Уставно право, Финансово

право, Меѓународно право и Римско право на студенти на додипломски студии. Ана работи како проектен и истражувачки координатор во областа на граѓанските и младинските политики во Здружението за развој и активизам Аква - Струга и како предавач во Учиме право клубот на Младински образовен форум за средношколци каде ја извршува и функцијата на Локален координатор за југозападен регион.


 
 
 

Comments


КОНТАКТ | CONTACT 

Email: naumoska.ana@yahoo.com

+389 78 322 676

ПРИДРУЖИ СЕ НА ЛИСТАТА ЗА Е-ПОШТА

JOIN OUR MAILING LIST

© 2023 by Филџан Правда. Powered by Wix

bottom of page