top of page
  • Facebook
  • Twitter
  • Instagram
Search

Политичка култура 101: Што се тоа политички идеологии?

  • Writer: Ana Naumoska
    Ana Naumoska
  • Jan 31, 2025
  • 12 min read


Во современото општество, поимот „политика“ сè почесто добива негативна конотација. Скандалите, манипулациите и недовербата во институциите создаваат впечаток дека политиката е далечна и недостапна за обичниот граѓанин. Наместо да се гледа како алатка за промени и подобрување на заедницата, таа често предизвикува разочарување и чувство на немоќ. Ова води до дистанцирање, пасивност и незаинтересираност за разбирање на политичките процеси, иако тие директно влијаат врз нашето секојдневие. Но, дали е вистинското решение да се оттргнеме, или да се обидеме да го смениме начинот на кој ја гледаме и разбираме политиката?

Политиката претставува процес на донесување одлуки кои се применуваат во одредена заедница, најчесто во рамки на државата. Таа ги опфаќа механизмите, институциите и активностите преку кои се распределуваат моќта и ресурсите во општеството. Политичкиот систем пак претставува координиран систем на справување со прашањата од интерес на заедницата. Всушност, целта на политичкиот систем е прашањата и проблемите да се решаваат на јасен и предвидлив начин, а токму политиката е средство за решавање на судири и за постигнување согласност по мирен пат, а не преку: насилство, застрашување и употреба на гола сила.

Политичка идеологија е збир на идеи, верувања, вредности и мислења, кои покажуваат повторлив образец и намерно или ненамерно се натпреваруваат во обезбедувањето планови за дејствување во креирањето на јавните политики, со цел да се оправдаат, објаснат, оспорат или изменат социјалните и политичките уредувања и процеси во една политичка заедница. Меѓутоа, политичката идеологија не би требало да ја гледаме како еден затворен систем, туку како флуиден збир од политички идеи кои може да се сретнат и кај повеќе идеологии.

 

Зошто е битно да се знаат политичките идеологии?

 

Најпрвин, би се фокусирала на позицијата на политичките идеологии во нашето секојдневие. Едни од клучните, а во многу делови на општеството и главните актери на политичката сцена се токму политичките партии. Политичките партии претставуваат облик на здружување на граѓаните кој во својата крајна цел го има освојувањето на власта. Политичките партии, застапуваат одреден сет на идеали и вредности и често се претставуваат како застапници на една или друга идеологија. Сепак, доколку се направи една компарација помеѓу идеологијата која партиите наводно ја застапуваат и нивните програми, може да забележиме дека има огромна разлика. Политичките партии особено на Балканот, но и низ светот генерално, многу често добиваат членови и гласачи, базирано на идеологијата која ја претставуваат како основа на нивното постоење. На пример, ќе сретнете партии кои се претставуваат како „леви“ партии (што значи тоа, ќе видиме малку подоцна) и кои настојуваат да ги придобијат југоносталгичарите. Сепак, кога просечна таква партија би дошла на позиција на власт, може да се види како нејзините активности и изнесени ставови, многу остапуваат од она што се дефинира како левичарство, па можеби дури се и дијаметрално спротивни.

Оттука, битно е да се знаат политичките идеологии, за како граѓани да може да носиме паметни и информирани одлуки, а да не потпаѓаме на пораките кои партиите ги испраќаат, а кои за жал се токму она што ние сакаме да го слушнеме.

 

Видови политички идеологии: политички спектар и политички компас

 

Сигурно наоколку низ огромниот свет на интернетот сте налетале на политичкиот компас или политичкиот спектар. Накратко, и двете алатки претставуваат механизми за диференцирање и позиционирање на различните политички идеологии кои постојат.


Политичкиот спектар е концепт кој ги категоризира различните политички идеологии врз основа на нивните ставови за економијата, власта и општествените прашања. Традиционално, спектарот се движи од левица (поддршка за економска еднаквост, социјална правда и поголема улога на државата) до десница (поддршка за пазарна економија, индивидуални слободи и ограничена државна интервенција) Замислете го политичкиот спектар како оска со два спротивни краја – левица и десница. Секој крај претставува група на принципи, при што оние на левицата обично се спротивставуваат на оние на десницата. Поголемиот дел од овие принципи се однесуваат на најдобриот начин за организирање на општеството со цел луѓето да можат да напредуваат. 


Иако, како што споменавме на почетокот, во политиката не смееме на нештата да гледаме како црни или бели, бидејќи постојат огромен број на варијации, разликите меѓу левицата и десницата (низ призмата на политичкиот спектар) се следни:

 

 

 


Потеклото на политичкиот спектар се поврзува со Француската револуција од 1789 година, кога членовите на Народното собрание се поделиле на две главни групи. Првата група ја сочинувале поддржувачите на монархијата, постојниот систем и воспоставената распределба на моќта, додека втората група била составена од приврзаници на револуцијата, напредокот и радикалните општествени промени. Конзервативците, кои се залагале за зачувување на статус-квото, седеле десно од претседателот на собранието, додека прогресивците, кои се бореле за промени, биле позиционирани лево. Оваа просторна распределба го симболизирала нивното идеолошко разликување. Освен овие две доминантни струи, во центарот се наоѓала и трета, помала групација на умерени политички претставници.

Најдобар начин за да се разбере политичкиот спектар е визуелно. Така, може да видиме дека крајната левица и крајната десница се радикални односно реакционерни идеологии, а како што се движиме кон средината, така истите стануваат поумерени.


 

Според ова, комунизмот е идеологија на крајната левица, а фашизмот на крајната десница.

Меѓутоа, ваквиот начин на приказ на идеологиите е дури и претерано симплифициран, поради тоа што постојат илјадници варијации, на идеологии или нивни облици, кои прифаќаат одредени карактеристики од она што е сметано за традиционално лево или традиционално десно. Поради ова, во последниве години, се’ повеќе се применува политичкиот компас како механизам за нивно позиционирање и проучивање.


Политичкиот компас е понов модел кој додава уште една димензија на класичниот политички спектар. Наместо само лево-десно, тој ги мери и ставовите за личните слободи и авторитетот. Компасот е поделен на:

  • Економска оска (левица-десница)

  • Социјална оска (авторитаризам-либертаријанизам)


Традиционалното сфаќање на политиката ја дели на левица и десница, но оваа поделба често погрешно се поистоветува со либерализмот и конзервативизмот. Ваквиот еднодимензионален модел е критикуван како премногу едноставен, бидејќи не ги опфаќа сите аспекти на политичките ставови. Тој главно се фокусира на економски прашања, но не секогаш соодветно ја отсликува целокупната политичка идентификација на поединците.

За да се реши овој проблем, се предлага политички компас кој ја надополнува економската оска (лево-десно) со уште една – авторитаризам-либертаријанизам. Овој модел покажува дека е можно да се биде левичарски авторитарец или десничарски либертаријанец, што покажува дека економските и општествените ставови не се секогаш во корелација.

Според тоа, политичкиот комопас е составен од четири квадранти:

  • Левица – Поддржува економска регулација, прогресивни политики, повисоки даноци за богатите и социјална заштита.

  • Десница – Претпочита намалена владина интервенција во економијата, пониски даноци и поттикнување на слободниот пазар.

  • Авторитаризам – Верува во централизирана власт, каде државата има силна контрола и индивидуалните слободи се ограничени во интерес на стабилноста.

  • Либертаријанизам – Се залага за максимална индивидуална слобода, минимална владина интервенција и намалување на контролата врз граѓаните.

Како што споменавме и погоре, концептот на политичкиот спеткар (лево-десно)  потекнува од Француската револуција (1789), но со текот на времето, оваа едноставна поделба станала недоволна за анализирање на сложените политички ставови. Во 1950-тите, Леонард Фергусон и Ханс Ајзенк предложиле две оски, кои политичката ориентација ја поврзуваат со личноста и не само со економијата. Овој пристап го популаризира политичкиот компас, кој во 2000 година стана познат преку онлајн квиз што ја позиционираше политичката ориентација на двоосен график.

Во модерната политика, општествените прашања стануваат подеднакво важни како и економските, па затоа политичкиот компас нуди покомплетна слика за политичките убедувања на поединците.


 

Ако не овој приказ ги додадеме и политичките идеологии, тоа би изгледало вака:

 

 

 

 

Како што може да видиме, позицијата на овие идеологии на политичкиот спекар и на политичкиот компас значително се разликува. На пример, комунизмот и социјализмот на политичкиот спектар се позиционирани една до друга, а на политичкиот компас тие припаѓаат на различни квадранти. Ова се должи токму на суштината на идеологиите и нивните позиции во однос на економската и социјалната (политичка) компонента.

Останува уште да ги разгледаме идеологиите и да ги видиме нивните клучни карактеристики.

 

 

 

Либерализам


Либерализмот се стреми кон најголем можен обем на индивидуални права и слободи. Иако идеално би било слободата да биде апсолутна, либералите признаваат дека во реалноста тоа не е изводливо. Неограничената слобода може да доведе до злоупотреба, со што правата на една индивидуа би можеле да ја загрозат слободата на друга.

Во сржта на либерализмот се наоѓа теоријата за општествениот договор, според која постоењето на државата е неопходно за заштита на човековите права. Либералите ја гледаат државата како „нужно зло“ – таа ги ограничува индивидуалните слободи, но без неа би владеел хаос и постојан конфликт меѓу луѓето.

Според оваа идеологија, државата треба да има минимална улога и да функционира како неутрален арбитер кој обезбедува слобода и безбедност, без да се меша во секојдневниот живот на граѓаните. Ова води до концептот на „држава ноќен чувар“, која има задача само да ги заштитува индивидуите од потенцијални закани, без да контролира други аспекти на нивниот живот.

За либералите, ограничувањето и контролата на државната власт е клучен принцип. Тие веруваат дека само во општество со одговорна и ограничена влада може да постојат навистина слободни луѓе. Според нив, индивидуалните интереси не смеат да бидат жртвувани во име на државата, групите или колективното добро.

 

 

Либертаријанизам

 

Припадниците на либертаријанизмот ја гледаат државата како пречка за индивидуалната слобода, но не само во однос на приватната сопственост. Нивното противење кон државата произлегува од уверувањето дека таа претставува опресивен механизам што ја ограничува слободата на поединецот.

За либертаријанците, вистинската слобода не е само економска, туку и социјална и културна. Тие веруваат дека државата, преку своите закони, институции и регулативи, често ги засилува општествените пристрасности, предрасудите и традиционалните норми, кои го ограничуваат правото на поединецот да живее според сопствените убедувања.

Според оваа перспектива, автономијата на поединецот треба да биде врвен принцип, а државата не смее да диктира морални стандарди, да ги ограничува личните избори или да наметнува општествени очекувања. Либертаријанците сметаат дека секој поединец треба да има целосна контрола врз сопствениот живот, без наметнување од страна на државата или општеството.

Во овој контекст, ослободувањето од државната власт е ослободување од секој вид општествена принуда – било да е тоа преку закони што регулираат лични односи, културни норми што ги ограничуваат индивидуалните избори, или преку институции што го дефинираат „прифатливото“ однесување. За либертаријанците, вистинската слобода значи да се живее без страв од казна или осуда за изборите што не му наштетуваат на другите.

 

Комунизам

 

Комунистичката идеологија има за цел целосно укинување на капиталистичкиот економски систем и негово заменување со социјалистичко, бескласно општество, кое се темели на заедничка сопственост на средствата за производство. Оваа трансформација, според комунистичките теоретичари, не може да се случи преку постепени, мирни и еволутивни реформи, бидејќи владејачката класа секогаш ќе се спротивставува на губењето на својата моќ.

Најзначајните мислители на комунизмот, Карл Маркс и Фридрих Енгелс, ја поставуваат основата на оваа идеологија во своите дела. Тие тврдат дека целиот тек на човечката историја е дефиниран од класната борба, односно конфликтот помеѓу опресираните и угнетувачите.

Според нив, крајот на класната борба ќе дојде со создавање на комунистичко општество, каде што ќе нема економски експлоатирани и доминирачки класи, а сопственоста ќе биде колективна. Сепак, оваа трансформација не може да биде мирна, бидејќи капиталистичката класа нема доброволно да се откаже од својата власт. Комунизмот како општествен идеал има општество во кое не постојат класи, држава и пари – сопственоста е општествена односно заедничка.

Многу често, во секојдневието, комунизмот се поистоветува со социјализмот, но тоа е целосно погрешно. Имено, Маркс во својата теорија говори дека социјализмот е само преодна фаза кон комунизмот, а не негов пандан. Според комунистичката теорија, по фазата на диктатура на пролетеријатот, (која претставува облик на владеење со цврста државна власт и централизирана-планска економија) државата постепено ќе исчезне, бидејќи веќе нема да постои потреба од неа. На нејзино место ќе се воспостави општество без класи, каде што сите ќе имаат еднаков пристап до ресурси и производни средства.

 

Социјализам


Социјализмот претставува и економски систем и политичка идеологија, чија основна карактеристика е заедничка (општествена) сопственост на средствата за производство, наместо приватна сопственост. Во социјалистичките економии, економските активности не се водат од пазарните сили, туку се централно планирани со цел да се задоволат општествените потреби, а не да се акумулира профит.

Социјалистичката идеологија ја нагласува моралната и економската супериорност на ваквиот систем во споредба со капитализмот. Според социјалистите, капитализмот создава експлоатација, ја нарушува демократијата, неправедно ги распределува ресурсите и можностите, и ја ослабува општествената кохезија, спречувајќи го целосниот развој на поединците и заедниците. Социјализмот, преку демократизација, рационализација и хуманизирање на економските односи, има за цел да ги елиминира овие проблеми.

Централен принцип на социјалистичките држави е планската економија, каде што државата има цврста контрола врз економските ресурси и ги насочува кон колективна добросостојба, наместо кон индивидуална добивка. Наместо неконтролирани пазарни механизми, економските процеси се централно планирани за да се обезбеди правична распределба на ресурсите и стабилност.

Во овој систем, државата има силна улога, често преку авторитарна власт, со цел да ги заштити интересите на колективот. Ова значи:

  • Контрола врз индустријата и банките – за да се спречи експлоатација од страна на приватниот сектор.

  • Планирање на производството – за да се задоволат основните потреби на населението (здравство, образование, домување).

  • Ограничување на политичкиот плурализам – за да се спречат враќање на капиталистички структури и саботажа на економските реформи.

Многу држави низ историјата имале социјалистички режим вклучително: Советскиот Сојуз (СССР), Југославија (СФРЈ), Кина (во времето на Мао Це Тонг), Куба, Венецуела (под Уго Чавез и Николас Мадуро) и други.

Иако, во секојдневието, многу често тие се именуваат како комунистички бидејќи на чело на нив стоела комунистичка партија, мора да напоменеме дека тие не биле тоа. Напротив, досегашната историја не познава комунистичка држава.

 

Социјал-демократија

 

Социјалдемократијата е политичка и економска идеологија која претставува компромис помеѓу капитализмот и социјализмот. За разлика од традиционалниот социјализам, кој тежнее кон целосна државна сопственост на средствата за производство, социјалдемократијата ги прифаќа пазарната економија и приватната сопственост, но со силна улога на државата во регулирањето на економијата и обезбедувањето на социјална правда.

  1. Слободен пазар со државна интервенција

    • Социјалдемократите не се против капитализмот, но сметаат дека пазарот мора да биде регулиран за да се спречат економски кризи, експлоатација и монополска доминација.

    • Државата има улога во спречување на нееднаквоста, преку политики за прогресивно оданочување и субвенции.

  2. Силна социјална држава

    • Социјалдемократијата поддржува универзален пристап до здравство, образование и социјална заштита, што се финансира преку повисоки даноци, особено за богатите и големите корпорации.

    • Минимална плата, заштита на работничките права и пензиски систем се клучни елементи.

  3. Демократија и човекови права

    • За разлика од комунизмот, кој тежнее кон еднопартиски систем, социјалдемократијата е демократска и поддржува политички плурализам и индивидуални слободи.

    • Почитување на човековите права, правна држава и независни институции се од суштинско значење.

  4. Економска еднаквост и социјална правда

    • Социјалдемократите сметаат дека економската нееднаквост може да доведе до нестабилност, па затоа се залагаат за политики што ја намалуваат разликата меѓу богатите и сиромашните.

    • Владата треба да обезбеди фер можности за сите преку квалитетно образование и пристап до здравствени и социјални услуги.


Фашизам

 

Фашизмот е авторитарна политичка идеологија што се карактеризира со тоталитарна држава, екстремен национализам, милитаризам и потиснување на индивидуалните слободи. Фашистичките режими ја нагласуваат силата на државата, обожување на лидерот и елиминирање на опозициските ставови преку цензура и репресија.

Оваа идеологија се појавува во почетокот на 20-тиот век, особено во периодот меѓу двете светски војни, како реакција на социјалистичките движења, економските кризи и националните понижувања по Првата светска војна.

Клучни карактеристики:

  • Авторитарна власт – Еден лидер и една партија имаат апсолутна моќ, при што демократијата се отфрла како слаба.

  • Екстремен национализам – Нагласување на супериорноста на нацијата и обвинување на малцинствата за проблемите.

  • Контрола на економијата – Државата не ја укинува приватната сопственост, но ја регулира во интерес на власта.

  • Милитаризам и агресија – Војната се гледа како неопходна за националната моќ и експанзија.

  • Потиснување на опозицијата – Цензура, пропаганда и политички прогон за елиминирање на несогласувањата.

Фашизмот историски се поврзува со режими како Италија под Мусолини и нацистичка Германија под Хитлер, кои користеле диктатура, репресија и милитаризација за остварување на своите цели.

 

Национализам


Национализмот е политичка и општествена идеологија која нагласува важноста на нацијата како централен елемент на идентитетот и државноста. Тој се залага за национална независност, културна хомогеност и јакнење на државниот суверенитет. Национализмот има различни облици, од граѓански национализам, кој промовира единство преку споделени вредности, до етнички национализам, кој се базира на заедничко потекло и крвна врска.


Конзервативизам


Конзервативизмот е политичка идеологија што се залага за зачувување на традиционалните вредности и постојниот општествен поредок. За разлика од либерализмот, кој се стреми кон промени, конзервативизмот ја поддржува стабилноста, хиерархијата и сигурноста, сметајќи дека постојните институции и вредности треба да се зачуваат.

 

 



Во свет каде што политичките случувања постојано влијаат врз нашето секојдневие, познавањето на различните идеологии не е само академска вежба, туку и клучна вештина за свесно граѓанско учество. Без разлика дали се идентификуваме со одредена идеологија или не, разбирањето на нивните принципи ни помага да ја анализираме политичката реалност, да носиме информирани одлуки и да ја препознаеме политичката манипулација.

Политичките идеологии не се фиксни догми – тие еволуираат во зависност од времето, општествените потреби и глобалните предизвици. Разбирањето на оваа динамика ни овозможува да учествуваме во дискусии, да придонесеме за промени и да изградиме подобро општество. Наместо да ги гледаме идеологиите како средства за поделба, можеме да ги користиме како начини за градење критичко размислување и поттикнување конструктивен дијалог.

На крајот на денот, разбирањето на политиката значи разбирање на начинот на кој се обликува нашата иднина. Затоа, нека не бидеме пасивни набљудувачи – нека бидеме информирани и активни граѓани!





Ана Наумоска е дипломиран правник, специјалист за меѓународно право. Таа моментално е кандидат за магистерски студии по меѓународно право и право на ЕУ, и по политички науки и меѓународни односи на АУЕ ФОН. На Правниот факултет во АУЕ-ФОН е именувана за демонстратор за академската 2022/23 и 2023/24 година и моментално ги предава следните предмети: Уставно право, Финансово право, Меѓународно право и Римско право на студенти на додипломски студии. Ана работи како проектен и истражувачки координатор во областа на граѓанските и младинските политики во Здружението за развој и активизам Аква - Струга и како предавач во Учиме право клубот на Младински образовен форум за средношколци каде ја извршува и функцијата на Локален координатор за југозападен регион.

 
 
 

Comments


КОНТАКТ | CONTACT 

Email: naumoska.ana@yahoo.com

+389 78 322 676

ПРИДРУЖИ СЕ НА ЛИСТАТА ЗА Е-ПОШТА

JOIN OUR MAILING LIST

© 2023 by Филџан Правда. Powered by Wix

bottom of page