top of page
  • Facebook
  • Twitter
  • Instagram
Search

Што е она што го нарекуваме устав?

  • Writer: Ana Naumoska
    Ana Naumoska
  • Feb 21, 2025
  • 7 min read



Уставот претставува највисокиот правен акт на една држава чија структура е составена од две групи на одредби: основни човекови слободи и права и организација на државната власт. Овие две категории претставуваат составен дел од уставната материја. Во суштина, уставната материја ги уредува односите меѓу државата и граѓаните, обезбедувајќи правна и институционална рамка која одговара на социјалните, политичките и економските услови на општеството

Уставен развој е процесот на еволуција и прилагодување на уставните принципи, структури и институции на една држава со цел да одговорат на промените во социјалната, политичката и економската реалност. Тој подразбира редовни уставни реформи, измени или интерпретации кои обезбедуваат дека правната рамка останува функционална, релевантна и здрава, со што се заштитуваат основните права и слободи на граѓаните.


Уставот на Република Северна Македонија


Уставот на Република Северна Македонија претставува клучен темел на државната независност, демократијата и општествениот поредок, бидејќи го утврдува суверенитетот на државата и ја поставува основата за нејзиното меѓународно признавање, со што сите институции делуваат врз јасно одредени овластувања. Неговата примарна задача е да ги штити човековите права и слободи, вградени во самиот уставен текст и поддржани со меѓународни стандарди, така што сите законски и подзаконски акти мора да бидат усогласени со тие норми. Со воспоставување поделба на власта на законодавна, извршна и судска, и со воведување механизми на заемна контрола, Уставот спречува концентрација на моќ во една институција и гарантира дека законите ќе важат подеднакво за сите. Посебна улога има Уставниот суд, кој ја проверува усогласеноста на законите и актите со Уставот, со што дополнително се зацврстува владеењето на правото. Истовремено, уставната рамка ја рефлектира мултиетничката реалност на земјата, особено по измените врзани со Охридскиот рамковен договор, каде што механизмите за соодветна и правична застапеност придонесуваат за еднаквост и стабилност на општеството. Низ годините, Уставот претрпел повеќе измени со кои се прилагодува на новите политички и општествени услови, како и на барањата поврзани со интеграцијата во Европската унија и НАТО, што подразбира унапредување на судските реформи, заштитата на малцинските права и борбата против корупцијата. На овој начин, Уставот останува жив документ кој се развива согласно потребите на граѓаните и меѓународните стандарди, зацврстувајќи ја државноста и обезбедувајќи демократска и праведна иднина.


Уставот на Република Северна Македонија беше усвоен од Собранието на Република (Северна) Македонија на пленарната седница одржана на 17 ноември 1991 година, по долги и интензивни расправи што се одвиваа во 19 посебни продолженија. Неговата структура опфаќа две главни компоненти: Преамбула и нормативен дел. Преамбулата содржи два става, со повеќе алинеи коишто ги истакнуваат темелните принципи и вредности на државното уредување.

Нормативниот текст, пак, е систематизиран во девет оддели и се состои од 134 членови

1. Основни одредби; 

2. Основни слободи и права на човекот и граѓанинот;  

3. Основи на економските односи; 

4. Организација на државната власт;

5. Локална самоуправа; 

6. Меѓународни односи, 

7. Одбрана на Републиката, воена состојба и вонредни околности; 

8. Измена на Уставот и 

9. Преодни и завршни одредби


Темелните вредности содржани во член 8 од Уставот на Република Северна Македонија ја обликуваат суштината на уставниот поредок и претставуваат главни упатства за насочување на државните политики и законодавството. Тие се израз на највисоките правни и етички стандарди врз кои почива демократијата, обезбедуваат почитување на човековите права и овозможуваат уредување на општествениот живот на начин кој одговара на современите принципи на владеење.


Основните слободи и права на човекот и граѓанинот, признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, го нагласуваат значењето на човековата личност како централна вредност во општествениот поредок. Тие ја гарантираат слободата и достоинството на поединецот, создавајќи правна рамка што мора да ја почитуваат сите институции. Слободното изразување на националната припадност ги промовира културните и етничките различности, покажувајќи дека мултикултурализмот е основа за богатството и динамиката на општеството.


Владеењето на правото е суштински принцип кој обезбедува дека државната власт е ограничена и контролирана со закони, спречувајќи самоволие и произволност во вршењето на јавните овластувања. Поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска е механизам што гарантира рамнотежа, спречува прекумерна концентрација на моќ и овозможува меѓусебна контрола (checks and balances). Политичкиот плурализам, пак, претставува рамка за постоење на различни политички опции и идеи, а слободните непосредни и демократски избори им обезбедуваат на граѓаните можност да учествуваат во јавниот живот и да избираат свои претставници.


Правната заштита на сопственоста е основа за економски развој и претприемништво, бидејќи создава чувство на сигурност и доверба при инвестирање и развој на стопанските активности. Истовремено, слободата на пазарот и претприемништвото нуди шанси за иновации, раст и конкуренција, но и бара регулатива што го штити јавниот интерес.


Понатаму, хуманизмот, социјалната правда и солидарноста ја нагласуваат обврската на државата за создавање услови за еднакви можности, социјална помош за ранливите категории и фер распределба на јавните добра. Локалната самоуправа е суштински дел од демократското уредување бидејќи ги доближува институциите до граѓаните и овозможува реално влијание врз донесувањето одлуки што ги засегаат локалните заедници.


Уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата се неизбежен дел од одговорното управување со ресурсите, имајќи ја предвид важноста на долгорочната одржливост и зачувувањето на природните богатства за идните генерации. Конечно, почитувањето на општо прифатените норми на меѓународното право сведочи за отвореноста на Република Северна Македонија кон меѓународната заедница и потврдува дека домашното уредување е усогласено со глобалните стандарди за човекови права, мир и безбедност.


Со овој рамковен список на темелни вредности, Уставот ја нагласува важноста на слободата, плурализмот и владеењето на правото, но и отвора пат за понатамошен развој и унапредување на демократијата, социјалната правда и хуманите односи во општеството. Слободата да се прави сè што не е забрането со Уставот и законите го зацврстува чувство­то на лична автономија и граѓанска одговорност, гарантирајќи рамка во која граѓаните можат да се развиваат, да придонесуваат и да ги уживаат придобивките на демократскиот поредок.




Актуелниот Устав, не е првиот во историјата на нашата држава...


Уставниот развој на Република Северна Македонија поминува низ четири основни периоди, кои ја одразуваат политичката, општествената и правната трансформација на земјата од социјалистичка федеративна единица во независна држава.

Прв период (1946 – 1963)По завршувањето на Втората светска војна, Социјалистичка Република Македонија (СРМ) стана една од федеративните единици во новоформираната Југославија. Во 1946 година е донесен Устав на СРМ, кој делумно ги следи принципите на федеративниот Устав на Југославија. Со текот на времето, овој устав беше предмет на бројни измени, како одговор на промените во општеството и политиката.

Втор период (1963 – 1974)Во 1963 година се носат нови устави и на Југославија и на републиките, вклучувајќи ја и Македонија. Овој устав го задржува социјалистичкиот карактер, при што човековите права се интегрирани во различните одредби, без да постои посебно поглавје за нив. Акцентот е ставен на „општествено-економските односи“ и на ограничувањата на сопственоста, препознатливи за социјалистичките системи.

Трет период (1974 – 1991)Во 1974 година доаѓа до повторна темелна промена на уставите во СФРЈ, вклучувајќи го и Уставот на СР Македонија. Овој устав е значително подетален, особено во делот за човековите права, каде што посебно се нагласени работничките права и правото на изразување на националната и верската припадност. Сепак, и овде човековите права се условени со заштита на интересите на социјалистичката заедница, типично за тоа време.

Четврт период (од 1991 година до денес)По распадот на Југославија, на 8 септември 1991 година беше одржан референдум на кој граѓаните на Македонија гласаа за независност. Ова означи почеток на ново поглавје во уставниот развој. На 17 ноември 1991 година, донесен е нов Устав на Република Македонија, кој во голема мера се разликува од претходните по тоа што утврдува парламентарна демократија, ги поставува темелите на поделбата на власта, ја зајакнува улогата на човековите права и личните слободи и ја дефинира државата како суверена и независна.


Уставот на Република Северна Македонија од 1991 година претрпел неколку промени низ годините, секогаш преку посебни уставни амандмани. До денес (2023), осум пати се применувала оваа „амандманска техника“, при што се донесени вкупно 36 амандмани (означени со римски броеви од I до XXXVI). Секој сет на амандмани се однесува на различни аспекти на државното уредување, правата на граѓаните и меѓународните обврски.

Амандмани

Година

Клучни промени

I – II

1992

- Утврдување дека Република Македонија нема територијални претензии кон соседите и нема да се меша во внатрешните работи на други држави.- Потврдување на принципите на почитување на суверенитет и интегритет на други држави.

III

1998

- Продолжување на рокот за притвор од максимум 90 на 180 дена до подигање на обвинение (по иницијатива на Врховниот суд).

IV – XVIII

2001

- Донесени како обврска од Охридскиот рамковен договор.- Измена на Преамбулата на Уставот.- Уредување на примената на службените јазици и нивното писмо на целата територија.- Воведување нова темелна вредност: „соодветна и правична застапеност“ на сите заедници.- Проширена листа на верски заедници.- Воведен „двојно мнозинство“ (Badinter) за одредени закони.- Регулирани правата на етничките заедници и нивната застапеност во државните органи и правосудството.

XIX

2003

- Проширување на заштитената тајност на сите форми на комуникација, а не само на писмата.- Наведено дека отстапувањата од оваа тајност се вршат само со судска одлука под законски утврдени услови.

XX – XXX

2005

- Реформи во судскиот систем и организацијата на судовите.- Изборот на судии и јавни обвинители е доуреден со нови критериуми.- Укинат е имунитетот на министрите (останува само за претседателот на Владата, со можност за негово одземање преку Собранието).

XXXI

2009

- Утврден цензус за избор на Претседател на Републиката во вториот круг (присуство над 40% од вкупниот број запишани избирачи).

XXXII

2011

- Нагласена неможноста за одземање на државјанството и протерување на државјанин на Република Македонија.- Дозволено предавање на друга држава само врз основа на ратификуван меѓународен договор и судска одлука.

XXXIII – XXXVI

2019

- Донесени во рамките на Преспанскиот договор.- Промена на името на државата во „Република Северна Македонија“.- Дополнителни одредби за почитување на територијалниот интегритет и политичката независност на соседните држави.- Обврска за заштита на дијаспората и промена во Преамбулата на Уставот.




Ана Наумоска е дипломиран правник, специјалист за меѓународно право. Таа моментално е кандидат за магистерски студии по меѓународно право и право на ЕУ, и по политички науки и меѓународни односи на АУЕ ФОН. На Правниот факултет во АУЕ-ФОН е именувана за демонстратор за академската 2022/23 и 2023/24 година и моментално ги предава следните предмети: Уставно право, Финансово право, Меѓународно право и Римско право на студенти на додипломски студии. Ана работи како проектен и истражувачки координатор во областа на граѓанските и младинските политики во Здружението за развој и активизам Аква - Струга и како предавач во Учиме право клубот на Младински образовен форум за средношколци каде ја извршува и функцијата на Локален координатор за југозападен регион.



 
 
 

Comments


КОНТАКТ | CONTACT 

Email: naumoska.ana@yahoo.com

+389 78 322 676

ПРИДРУЖИ СЕ НА ЛИСТАТА ЗА Е-ПОШТА

JOIN OUR MAILING LIST

© 2023 by Филџан Правда. Powered by Wix

bottom of page